За ТРЕНЧ

Услуги

Дизајн и подготовка
Печатење

Издаваштво
„Книгофакт“
Хибридна пошта
Хостирање
 

Контакт

 

ПОГОВОР во книгата
ЈАЗИКОТ ЈА ДЕЛИ СУДБИНАТА НА СВОИТЕ НОСИТЕЛИ

...Капелан Мартин Чедрмац долго се џареше во двајца карабинери, кои заминуваа низ селото; втонаа меѓу куќите, а потоа повторно се појавија врз тесната песочна угорница што се виеше меѓу нивјето и низ тесен дол се спушташе до патот кој водеше во низината. Стоеше во градината зад капеланијата, поткачен врз камена ограда прекриена со мов и зарасната во ниски разлистени грмушки. Неподвижна, извишена слаба става, дробна глава, небаре грчевито стегната заканувачка тупаница – штрчеше од стегнатата крагна, брчкосаното лице изразуваше болна душевна напнатост. ...

Франце Бевк, најплоден словенечки автор – над осумдесет книги: поезија, проза – историска проза, современ расказ, новели, цртици, романи, сценарија, патеписи, мемоари, литература за деца и млади – така го воведува читателот во романот „Капелан Мартин Чедрмац.“ од зачекорувањето на литературната сцена критиката позитивно го пречекува неговото дело, а во литературната историја има високо место, според Антон Слодњак – претставува стожер на словенечката проза во 20 век, ги здружува генерациите од Иван Прегељ до Прежихов Воранц, Јуш и Фердо Козак, Цирил Космач, Мишко Крањец, Иван Потрч, Фердо Година до Антон Инголич, Франце Филипич и Бено Зупанчич.

Франце Бевк (1890 – 1970) е роден во село Закојце кај Церкно. Татко му бил сиромашен земјоделец, печалбар и селски чевлар. Од најраното детство Франце работи по туѓи поседи, чиракува, ама голема желба да учи го води во Горица, каде учи и завршува учителско школо во 1913 година. Учителствува во селата Орехек и Новаки над родното Церково. Започнува со поезија и објавува во списанија, под силно влијание на Отон Жупанчич стихот му е ритмички раздвижен со смела симболика, родољубивост, во хаосот пред започнување на Прва светска војна пацифистички, со силен стремеж кон ново време и достоинствен живот за секое човечко суштество. 1917 година бил мобилизиран и испратен на источен Фронт. По завршување на војната и распадот на Австроунгарија родниот крај на Франце Бевк остана под Италија па тој замина во Љубљана, во оној дел на Словенија кој влезе во состав на Кралството Југославија, работи како новинар, а објавува во сите словенечки весници и списанија. Меѓутоа, 1920 година се враќа во Горица каде води новинарска и издавачка куќа и активно учествува во борба за елементарни права на словенечкото малцинство – сè до завладување на фашистичкиот режим, кога секаква дејност на словенечкото малцинство се забранува, а Франце Бевк е прогонуван и конечно затворен. Дури по капитулацијата на фашистичка Италија - во Втората светска војна – 1943 година, Франце Бевк избега од затвор во Гoрица и оди во партизани; од борец и културен работник станува претседател на Покраинскиот народноослободителен одбор за Трст и Словенечко приморје. По завршување на војната до 1947 година работи во Трст а потоа во Љубљана, каде завзема значајни места како писател и општественик.
Во македонското јазично подрачје Франце Бевк е познат со преведени дела за деца и млади: Овчарчиња, Црни браќа, Гриваровите деца, Детски години, а многу често е застапуван во детскиот печат и во читанките – секогаш со јасна порака, позитивна насоченост и блага поука.
Првичната афирмација низ поезијата завршува со збирка песни – Pesmi – 1921 година а потоа целосно се определува за проза. Длабоко посегнува во историското минато на покраината каде е роден, љубопитно го следи животот околу себе, создавајќи дела карактеристични за ова словенечко подрачје, како што запишал Антон Слодњак за дејноста од 1920 година, кога од Љубљана се враќа во словенечкото подрачје кое е под Италија, активно работи и покрај финансиски тешкотии и постојан политички прогон,“ /.../ Оваа верност кон родната земја и кон родниот човек е решавачка за содржината и обемот на литературното творештво. Со восхитувачка енергија – овој некогаш скромен селски учител создава литература за народот потиснат од фашистичкиот терор и раздвоен од матичната земја, /.../ “ Свртеност кон немоќта на човекот, исконска борба за опстанок а во услови на тежок социјален и политички притисок упатува на Цанкар, Достоевски, Горки, на Стриндберг, како и на француските реалисти. Општочовечката небиднина станува универзална, иако е лоцирана за подрачје – пасивни планински села над Церкно, над долината на река Надижа, преку Кобарид, Чедад, Горица до Трст, по долината на река Соча од чиј низински долен тек Словенците со векови биле насилно потиснувани во планински горен тек. Па така во Венецијанската низина, што Словенците ја именуваат Бенечија / Бенешка Словенија (од Венеција / Бенетке) останале само гробови. За оваа историска трагедија на словенечкиот народ Симон Грегорчич испеал чудесни стихови насловени – Soči – На Соча (објавена во „Zvon“ 1879)
- Красна си, бистра, ќерко планинска – меѓутоа, разиграноста и убавината се губи во долниот / низински тек: -
А навлезеш ли в поле веќе/ ; одот твој зошто не е среќен? // Зошто ко морна бавно течеш? // Зошто со тага гласот ечи? // Тешко од гората се двоиш, // од лулката на браној твои? // Дал’ знаеш – течеш покрај гробој // Словенските кај биле домој? // Те мачи тебе двојна мака // И кога бавно течеш така, // Јас чинам солза ти си јасна, // Но, и како солза – красна!. Така поетот Грегорчич, небере грозоморно привидение, ја согледува експанзијата на насилството врз словенечкиот народ кој живее на овие простори.
Враќајќи се од Љубљана во Горица (1920 година) Франце Бевк развива широка културно – општествена дејност а особено во издаваштвото, така што речиси секоја година објавува проза, со динамика што критиката тешко можеше да ја следи. Без конкуренција бил најчитан писател меѓу Словенците отаде границата, но и во матичната земја. Во бројни романи, новели, раскази зафаќа во историјата на покраината, во современиот живот – на село и во градот – исполнет со борба за опстанок, со љубов и страст. Низ тематиката создава бројни ликови: селски поседници, слуги, слугинки, селска сиромаштија, деца без детство, трговци, домаќинки, службеници, интелектуалци. Од бројни наслови на ова место ќе споменеме само некои најпознати, најчитани и преведувани.
- Романсирана историја: Kresna noć (Иванденска ноќ, 1927) од 15 век, љубовна приказна помеѓу пастирот Јуре и домаќинска ќерка Светка; Vihar (Луња, 1928) со многу етнолошки елементи предаден животот на словенечките рибари и трговци и врските со Венецијанската република; Znanenja na nebu – трилогија (Небески знаци, 1927 – 1929), 14 век, тежок живот на подложниците во Толминска долина; Umirajoči Bog Triglav (Умирањето на Бог Триглав, 1930) крвави настани во 14 век, крстоносен поход против последниот бранител на старата вера – Гораз од кобарид, тешка судбина на неговите ќерки – Јасна и Волкица; Človek proti človeku (Човек наспроти човек, 1930) 14 век, централна тема е борбата помеѓу владејачкото свештенство – католицизмот и бунтовното фурланско – горишко племство, со особено откривање на средновековната црковна тортура; Stražni ognji (Стражарски огнови, 1931) двојна борба на словенечкото селско население во Випавска долина – против феудалското племство, и против турските напади; Pravica do življenja (Право да се живее, 1939) селски буни од 1627 – 1700 година. Кон оваа историска тема Бевк се навраќа и подоцна во тите романи – Iskra pod pepelom (Искра под пепелта, 1956), Viharniki (Луњици, 1957) и Iz iskre požar (Од искрата – пожар, 1963). 
Селскиот живот во планинските предели на Приморска Словенија, потесно над родното Церкно за Франце Бевк претставува неисцрпна инспирација; бројни раскази, новели, романи влегуваа во секој словенечки дом, во секое семејство во оние подрачја каде останаа да опстојуваат како малцинство – вршејќи мошне важна функција за задржување и развој на мајчиниот / словенечки јазик, а за Словенците во матичната земја претставуваа начин преку уметнички текст да се запознаат со реалната положба на сонародниците кои живеат отаде границата. Само неколку наслови: Smrt pred hišo (Смрт пред куќи) а во 1934 романот е проширен и печатен под наслов Ljude pod Osojnikom (Луѓе под Осојник) сaга за семејството на алчен селанец Брдар од кого страда и неговото, и уште три семејства: Hiša v stougi (Куќа во долот, 1927) несредени семејни односи и трагедија при надојдување на силнс поројница; Krivda (Кривица, 1928) психолошка повест за неверство и одмазада; Kamnarjev jurij (Јуриј, синот на каменарот, 1930) тежок живот на работниците во набрежинските каменоломи; Železna kača (Железна змија, 1932) изградба на железничка пруга низ ова подрачје, навлегување на цивилизацијата и многу негативности во патријархалната средина; Žerjavi (Жерави, 1932) животот на една млада жена од село во Випавска долина, која копнеејќи по подобар живот заминува на печалба во Египет и таму пропаѓа; Dedić (Наследник, 1933) непишани / традиционални правила за наследство во затворена селска средина, што предизвикуваат омраза, насилство, па дури и убиство; Srebreniki (Сребреници, 1936) страдања на најблиските во семејството поради домаќинот – скаперник ; Donačija (Имотот, 1939) пропаѓање на имотен толмински селанец во годините на стопанската криза и фашистичкото насилство низ словенечките села.
Животот во градска средина најчесто е сврзан со Горица и Траст во кои се населуваат луѓе од раслоени, пропаднати селски семејства. Оваа проза ја бележи пропаста на старата градска традиција, напливот на малограѓанштината, насилството, измама, љубов и страст.
Julijan Sever (Јулијан Север, 1926); V zablodah (Во заблуди, 1929); Mati (Мајка, 1929); Gospodična Irma (Госпоѓица Ирма, 1930); Mrtvi se vračajo (Мртвите се враќаат, 1930); In sonce je obstalo (И сонцето застана, 1931); Človek brez krinke (Човек без маска, 1934); V mestu grijo lunči (Во градот горат светилки, 1936).
Франце Бевк има објавено и повеќе збирки новели и кратки раскази, а многу останаа објавени во списанија. По втората светска војна се објавени: Med dvema vojnama (Помеѓу двете војни, 1945); Novele (Новели, 1947); Obračun (Пресметка, 1950); Krivi računi (Погрешни сметки, 1956), како и сценарио за филмот Še bo kdaj pomlad (Ќе има уште пролет, 1950) – борби водени за ослободување на Трст.
Франце Бевк има видно место во словенечката литература за деца и млади: Tatič (Малиот крадец, 1916 – 1917); Jagoda (Јагода, 1930); Lukac in njegov škorec (Лукец и неговиот сколовранец, 1931); Lukec išče očeta (Лукец го бара татка си, 1932); Tovarišaja (Двајца , другари, 1934) ; Pactirci (Овчарчиња, 1935); Pestrna (Дадилка, 1939); Čarovnica čirimbara (ВолшебницаЧиримбара, 1938); Grivarjevi otroci (Гриваревите деца, 1939); Peter Klepec (Петер Клепец, 1940); Tonček (Тончек, 1948); Mali upornik (Малиот востаник, 1951); Črni bratje (Црни браќа, 1952); Razbojnik Saladin (Разбојникот Саладин, 1959); Otroška leta (Детски години, 1949). Поезијата објавувана низ детските списанија ги објавил под наслов Smeh skrozi solze (Смеа низ солзи, 1959).
За настаните во еден временски пресек и лоцирани во определено подрачје документирана вредност имаат лични согледувања и искажувања на писателот со автобиографски и мемоарски карактер: Suženj demona (Роб на демонот, 1925); Beg pred senco (Прогонет од сенката, 1926); Začudene oči (Вчудовидени очи, 1936); Pot v svoobodo (Патот во слободата, 1953); Mrak za rešetkani (Мракот зад решетки, 1958).

* * *
Романот „Капелан Мартин Чедрмaц“ – според литературната историја и критика е дело од трајна вредност. Објавен 1938 година во Љубљана под псевдоним Павле Седмак, зашто тогаш Франце Бевк живее и работи во Горица и Трст, подрачје под Италија и веќе под силно изразен фашизам. Иако е просторно сврзан за Приморска Словенија, подрачја кои што тогаш беа под Италија, тематски конкретно за настаните во определен временски период, романот ги надминува и просторните и временските рамки, зашто се однесува за секое подрачје и во секое време каде што малцинското население се бори за одржување на сопствените корени, традиции, јазикот – во училиштата, црквата, пишаниот збор – а сето тоа насилничкиот режим сака да го уништи, да го искорени. Писателот непосредно и со голема искреност ја раскажува животната патека и судбинска трагедија на Мартин Чедрмац – свештеник и родољуб – така што создава убедлив симбол, лик на отпорот против насилството.“ /.../ Тој е само делче од мнозинство. Секој не ја носи на дланка сопствената болка, па и тој не ја носел. Кој би можел да го опише сето тоа? Кој гение? Тоа не би била една книга, туку би се создала библиотека. Најдлабоките страдања се најтивки, затскриени, за секогаш загубени како вода во песокта. /.../ “
Подрачјето во кое што е лоциран романот на писателот му е мошне добро познат, зашто тоа е всушност неговиот роден крај, па не само топоними и хидроними туку и микротопоними – речиси секое камче му е добро познато и со сите сетива го предава пејсажот, употребувајќи го и во изразување на восхити, спротивно - темни разочарувања. Ја опишува таа неплодна земја, посиромашна одошто на други места, разделена со суводолици, што со вода се полнат само во време на силни дождови.“ /.../ Тогаш матни бранови здивено се втуриваат накај низината и се влеваат во Надижа. Скудно изворче зад селото даваше вода само напролет и наесен.“ Од предедо, дедо, татко до син – опстојуваат на оваа скржава земја, па и да заминат водени од копнеж по подобар живот, пак се враќале во родните домови. На падините на Мија, Матајур, Коловрат се селата Сушје, Врсник, Крница, Рупа, Липе, присои со скудни пасишта, осои со камењари и тесни врвици /.../ - Чедрмац се џареше во таа земја што ја знаеше од детски години и му скорива спомени. Таму со мајка одеа на миса, таму прв пат му се отворија тајните на книгата. Црквата со бела камбанарија стоеше осамена, а селото разделено во три групи куќи. Падината беше гола, сува; присојната со ретки дрвја што фрлеа малку сенка.“ /.../
Мартин е роден во Сушје. По школувањето се враќа во планинскиот предел – во Врсник, селаните се робусни, повлечени, горди луѓе, ама тој ги знае од младоста, зашто е од соседното село, ги придобива со чесен однос, со проповеди на словенечки јазик, со поуки, со купување на оргули, формирање на црковен хор, верско и родољубиво воспитување на децата, набавува молитвеници на словенечки јазик, на селаните им пишува молби и им толкува документи кои ги добиваат на италијански јазик. Живеат во почит и слога. И одеднаш доаѓа декрет, карабинерите го посетуваат во капеланијата, а со декретот се укинува секаква употреба на словенечкиот јазик. Не, капелан Мартин Чедрмец нејќе да потпише! И така започнува неговата Голгота. Декретот внесува возбудување и страв, нарушување на односи и меѓу свештенството, и меѓу селаните. Како и секогаш во таквите мигови доаѓа до поделби и кодошења.
Капелан Мартин Чедрмац со сестра му Катина во раница носи словенечки црковни книги и ги засолнува во напуштено црквиче високо во планината. И добро е тоа, зашто карабинерите вршат претрес и во капеланијата, и во куќите низ селото. При повторна средба дури и му нудат пари за да го потпише декретот, ама тој тврдоглаво одбива сметајќи и длабоко верувајќи дека тоа нè е од Господа, не е од надбискупот, не е од Папата. – „Господ може да нè удира и казнува заради сторени гревови, ама како може да дозволи да се уништува она што тој го создал?“ – не може да верува дека и префектот и надбискупот го примаат со одбивност, со осуда не го прифаќа декретот. – „Како може било кому да дозволи насилно да се одземе неговиот збор, што единствено води кон вечно спасение?“
Поврзаноста помеѓу мајката и синот е предадена со длабоки емоции, зашто – „мајка беше блиска со синот – по душа и по срце.“ – Мартин ја посетува. Таа лежи – стара, болна, изнемоштена, ама знае за декретот со кој се забранува употребата на словенечкиот јазик. /.../ „Молчеа и се гледаа. Многупати така молчешкум се гледаа очи в очи и тивко се смешкаа! Тоа беше ништо необично. Еднипати беа и вознемирени, иако не знаеја зошто. Нивните чувства се прелеваа како бои на квечерното небо. Животот меѓу нив имаше сплетено илјадници видливи и невидливи врски. Тешко би било да се рече кој е поприврзан кон другиот. /.../ „Низ молкот синот небаре бара совет од мајка што да стори, ама мајка има доверба во него: - „Ти си знаеш што мораш да сториш. Стори така како што знаеш дека ќе му биде угодно на Бога.“ зашто нејзиниот син е ракоположен слуга божји... Синот ја крие вистината – мајка да не замине на оној свет огорчен разочаран. Смртната разделба за капеланот Мартин претставува голема болка. – „Тоа му дојде како последна капка што му ја измести стабилноста.“
Стоички поднесува и прогонувањa, и кодошења, и заплашувања со конфинација – одземање на свештеничкиот позив, предвремено пензионирање, па дури и апсење – поради антидржавна дејност. Се згрозува од откровението дека во него нешто како лавина се руши, дека губи верба во Бога, па ноќе клекнат пред олтарот бара поткрепа низ молитва. Всушност, животот му е како искачување на Голгота.
На својот пријател свештеникот Иван Север, кај кого оди да се исповеда, резигниран му вели: „Сиот наш отпор беше попусто...“ Па за последен пат одржува верска поука и децата ги советува никогаш да не го заборават словенечкиот јазик, зашто, - „ би било голем грев ако дозволиме да ни го земат она што сме го прифатиле од божји раце; со тоа би го навредиле Бога во неговата голема добрина. Сакајте ја својата земја и молете се, секој ден молете се никогаш да не ја загубите..“ Со одржување на последна богослужба и проповед на словенечки јазик се простува од верниците... Предвреме пензиониран ја напушта капеланијата и се враќа во родното село Сушје, во домот каде господари брат му, во одајчето каде починала мајка му. /.../ „ И замина по врвицата меѓу густи грмушки без да се сврти /.../ Сонцето се преливаше врз младо зеленило и врз тревата трепереа златни шарки. Како да се слушаше некаква мелодија од тревите, од грмушките, од дрвјата, отпод небото, од сите страни екнуваше и се истураше небаре водопад од златници. Падините на Мија и Матајур, кои што зиме покажуваа соголени ребра, се беа пркриле со зелени и разнобојни шарки. /.../ - „На убав пролетен пејсаж Франце Бевк спротивставува стемнета душевност на капеланот Мартин Чедрмац, всушност, низ овој симбол – лик прозборува писателот – „надежите не му се исполнија. Дојде она што не го очекуваше, не само над Врсник, над сета долина, над сите ридови, над Словенија! Словенија! - Бенешка Словенија! Сиромашна ама убава земја, стократно камшикувана, на крст распната, распната и таа и сите срца што ја љубат. Зарем навистина никогаш веќе нема да си она што била? Боже, Ти што си справедлив, немој да дозволиш, немој да дозволиш...“

                                                                       
Бистрица Миркуловска    

 


 

Франце Бевк
КАПЕЛАН МАРТИН ЧЕДРМАЦ


превод: Бистрица Миркуловска
2008 година
А5 формат, 240 стр.

Капелан




Прочитајте го ПРВОТО поглавје

Top