За ТРЕНЧ

Услуги

Дизајн и подготовка
Печатење

Издаваштво
„Книгофакт“
Хибридна пошта
Хостирање
 

Контакт

 

Патеписни репортажи од 12 земји:

К И Н А - ВО РИТАМОТ НА ЗМЕЈОТ
И Р А Н - ПОРТА НА НАРОДИТЕ
Н О Р В Е Ш К А - ТУРИЗАМ ВО АРКТИЧКИ ПРЕДЕЛИ
Д А Н С К А - ВИКИНШКИТЕ ПОТОМЦИ И НИВНИТЕ МАЛИ ЧУДА
Ш В Е Д С К А - ДВА ВЕКА БЕЗ ВОЕНИ ХЕРОИ
Ф И Н С К А - „НАСЛЕДНИЦИТЕ" НА КАЛЕВА ЗНААТ ШТО ПРАВАТ
Е С Т О Н И Ј А - ДРЕВНА, ПРВА И НОВА НЕЗАВИСНОСТ
М Е К С И К О - ОРЕЛ НА КАКТУС СО ЗМИЈА ВО КАНЏИТЕ
П Е Р У - КАЈ ИНКИТЕ - 500 ГОДИНИ ПОДОЦНА
Б О Л И В И Ј А - ЖИВОТ ВО ОБЛАЦИ
А Р Г Е Н Т И Н А - ИМИЏ НА МАЛА ЕВРОПА
Б Р А З И Л - ПОЛОВИНА КОНТИНЕНТ ЗА ЕДНА ДРЖАВА

божилак

Впечатоци, податоци... (предговор од авторката)

Можам, со '12-кратно искуство' опишано на следните страници, да тврдам дека секоја прва средба со која и да е земја остава најсилни впечатоци. Единствен услов е средбата да не е случајна, попатна, кратка и/или ненаменска, туку планирана, пожелувана, доволно долга и намерна.

Без оглед на претходната информираност, само посетата во живо е она што се брои. Единствено таа ја има моќта да ги надмине сите можни пречки во елементарното разбирање. Однапред подготвените податоци и натрупаното знаење од дневниот печат, стручната литература, енциклопедиите, туристичките прирачници, филмовите, телевизијата и веб-сајтовите се потребни, но никако доволни. Некогаш можат и да пречат во отворениот и искрениот прием на она што го гледаме и што го доживуваме на самото место.
Непосредниот престој ги обезбедува вистинските податоци, зашто само тогаш тие се плод на проткаеноста со личното искуство, со патувачката треска, со подносливиот замор, со предизвикувачката неизвесност, со возбудливоста на средбите на кои 'другата' страна е локално население... со чувствата. Само 'примарната' средба може да се изедначува со интензитетот на страста на првата љубов, на приемот на првото бебе, на првото другарство, пријателство... Повторните посети се, исто така, прифатливи, често и потребни. Тие носат и продлабочување на сознанијата, но во нив може да биде присутна и рутинираноста која, пак, ја убива основната возбуда.
Во книгава се прикажани моите дванаесет први средби со две азиски (Кина и Иран), пет европски (Норвешка, Данска, Шведска, Финска и Естонија) и пет латинскоамерикански земји (Мексико, Перу, Боливија, Аргентина и Бразил). Ги доживував и ги 'истражував' со голема љубопитност и се обидував да бегам од шаблоните за нив. Сакав да ги примам на нов начин, што ќе му биде подреден на мигот на престојот. А тој миг и за мене и за 'сите  тие таму', верувам, останува неповторлив.
Боите на 'божилакот' се нижеа во својот ред по секое враќање дома, а првите впечатоци и возбудувања секогаш ги пренесував на колешките и блиски пријателки, кои и ме поттикнаа доживувањата, 'сликите' и искуствата од моите патувања да ги преточам во пишан збор. Затоа им благодарам на Жане (Снежана Трајчева), Биба (Билјана Таневска-Спировска), Бети (Елизабета Пауновска), Весна (Весна Јанкулоска) и Зоре (Зорица Коревска).
Не можам, а да не им кажам големо благодарам и на Славко (Славомир Маринковиќ), кој од си срце прифати да биде редактор на она што јас го напишав и на Макс и Сашо, кои од идејата до конечната реализација ми даваа морална (и финансиска) поддршка да истраам до крај.
Моите впечатоци сега пожелувам да ги споделам со Вас и на крајот од овој „Божилак" заеднички да го најдеме грнето со богатството, претставено во форма на нови сознанија за луѓето таму, во споменатите земји.

Наташа Жвеглич
новинар во Радио Скопје


 

Наташа Жвеглич
БОЖИЛАК
- моите патувања

300 страни, Б5 формат,
со колор фотографии
Божилак



Прелистајте ја книгата
Movie Clip - 10 MB


Top