ПРЕДГОВОР
Ниту една категорија лица во нашава земја не е подложна на задолжителна вакцинација против грипот. Организиран пристап во лекувањето на болните со инфлуенца со специфична антивирусна терапија (амантадин, римантадин, и во поново време со специфичните, селективни инхибитори на неураминидазата, занамивир и оселтамивир) не е практикуван во клиничката пракса, освен во спорадични случаи, што, кога станува збор за првите два лека, барем делумно беше ограничено и поради можностите за појава на резистенција (>=50%) и несаканите ефекти, особено врз централниот нервен систем и гастроинтестиналниот тракт. Високата инфективност на вирусот, заедно со краткиот инкубационен период на болеста (околу 2 дена), високите титри во назофарингеалните секрети и периодот на излачувањето на вирусот (1-2 дена пред, и 5-7 дена по појавата на симптомите, а кај децата и имунокомпромитираните лица и подолго), се главна причина за брзата дисеминација на болеста. Во институционални услови, голем број индивидуи се инфицираат во текот на 1-2 недели. Инфлуенцата е важна причина за нозокомијални инфекции, и значаен морбидитет и морталитет можат да се сретнат на медицинските оддели, единиците за неонатална интензивна нега и одделите за стари лица. Епидемиите на грип започнуваат нагло, пик достигнуваат во текот на 2-3 недели и имаат кратко траење (околу 5-6 недели). Главни компликации на инфлуенцата се респираторните, како што се бронхитис, круп, бронхиолитис, пневмонија (вирусна и бактериска), белодробен апсцес, емпиема и егзацербација на веќе постоечка белодробна болест. Инфекцијата со инфлуенца може да доведе до кардиоваскуларни, невролошки, психијатриски и други системски болести. Меѓу другото, се регистрираат енцефалопатии, вирусен енцефалитис, секундарен бактериски менингитис и психијатриски нарушувања. Зголемен ризик за хоспитализација се јавува кај трудниците. Поретка компликација, особено кај младите адулти претставува бубрежната инсуфициенција. Да не се заборави високата смртност (поради што во минатото не ретко беше нарекувана чума), како ни морбидитетот, што произлегува од самата болест, и од неговите компликации. Од сето наведено, се наметнува потреба од подобро запознавање со основните, а пред с# специфичните карактеристики на грипот, запознавање со најчестите примарни и секундарни компликации и асоцираниот коморбидитет, воспоставување на клинички критериуми и доктринарни ставови за изолација и лекување на болните, како и вакцинација на најосетливите категории лица и оценка на добивката по превземените мерки за нивно надминување.
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
СОДРЖИНА
ПРЕДГОВОР................ 6
ВОВЕД..... 9
Општи забелешки и влијание врз здравствениот систем............... 9
… Global Influenza Surveillance Network/WHO
(Глобална мрежа за следење на инфлуенца
на Светската здравствена организација).......... 13
Осврт на етиологијата и болеста 17
...за вирусот и неговата отпорност.............. 17
... вирусната репликација ... ......... 19
... патогенеза ... ......... 20
... за болеста ... ............. 29
... закана што постојано демнее и предупредува .......... 32
... дијагноза ............. 34
... за релевнтноста на клиничките дефиниции ... ......... 35
Протективен имунолошки одговор. 36
Преглед на сознанијата за потребите за вакцинација............. 37
... универзална вакцина против инфлуенца? ............. 42
... cost-effectiveness ... ......... 43
... опфатеност / покриеност со вакцинација... .......... 44
Преглед на тераписките можности............. 45
...Како на инфлуенца гледаат населението, пациентите и лекарите?
... или ... Што всушност значи инфлуенца за нив? . 48
ЦЕЛИ .... 51
Очекувани резултати ................ 52
МАТЕРИЈАЛ И МЕТОД................ 55
РЕЗУЛТАТИ................ 57
ДИСКУСИЈА.............. 87
… некои релевантни изворни up-to-date информации …........ 103
… регулација на хуморалниот имунолошки одговор …........... 103
… за заштитната улога на хуморалниот имунитет …........ 106
… имуноглобулините … 106
… во отсаство на имуноглобулините … 108
… за имунитетот и тежината на болеста …........ 110
... за вакцинацијата ... ........... 112
Белешки за епидемиската закана ... ....... 114
… патологија …........ 117
… хемаглутинин како детерминанта на патогеноста …..... 118
… секвенцни барања за кинливоста
на хемаглутининот и вируленцијата …... 118
… протеази на клетките на домаќинот одговорни
за кинење на хемаглутининот .120
… антигенски варијации …........... 121
…молекуларни детерминанти на рестрикција
од страна на домаќинот …........ 122
…обид за дефинирање на клиничките искуства… ........... 124
... научени лекции ... ........... 127
Каде ни е местото во глобалните сознанија ? ... ....... 131
Можеме ли да се вклопиме во современите текови ? ... ....... 131
... или, што велат изворите на податоци кои базираат на докази ... 131
... EBM-Cochrane Collaboration ... ....... 133
... Clinica Evidence/BMJ-London ... ........... 134
... ЕБМ-публикации како извори на докази ........... 134
ОСВРТ НА ОПРАВДАНОСТА . 141
ЗАКЛУЧОЦИ И НАСОКИ .............. 145
РЕЗИМЕ / SUMMARY.............. 147
ЛИТЕРАТУРА:.......... 153
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
ИЗВАДОК ОД РЕЦЕНЗИИТЕ
...Во период кога светот се соочува со глобална епизоотија на авијарна инфлуенца која од ден на ден се повеќе поприма размери на панзоотија и од еден значаен глобален економски, постепено се заканува да прерасне во непредвидлив општествен проблем кој ги загрозува животите на хуманата популација, со ризик да прерасне во страшна, можно катаклизмична пандемија споредлива со најстрашната во пишаната историја на човештвото од почетокот на минатиот век, студијата во која се истражуваат ефектите на сезонската инфлуенца со сите ризици да одигра значајна улога во загрозувањето на населението на Р.Македонија и човештвото во целина, поприма особено значење. Ова уште повеќе од причини што пандемија на инфлуенца сосема сигурно нема да ја одмине хуманата популација ниту во овој век, макар што останува отворено прашањето кога тоа ќе се случи. Лекцијата што од оваа книга може да се научи воопшто не го проблематизира прашањето дали, наведува на заклучок дека тоа се подразбира, туку само кога тоа ќе се случи. Истата не потсетува на механизмите на нејзината реализација, промовирајќи ја тезата за комбинирана регрутација во која сезонската инфлуенца може да одигра клучна улога. Оттука, авторот на книгата се осврнува на најважните аспекти на познавањето на глобалниот проблем на инфлуенцата, и преку сопствени искуства и сознанија базирани врз повеќегодишно сопствено истражување на проблемот на настанувањето, ширењето и движењето на болеста во сопствената средина и на просторите во Р.Македонија, изнесува заклучоци кои ја збогатуваат научната мисла за фундаменталните прашања поврзани со неа. Да потсетам дека авторот на книгата е искусен инфектолог со повеќе од 20-годишно искуство во лекувањето на ваквите и слични болни. Резултат на наведените согледувања е и потребата за промовирање на значењето на специфичната антивирусна терапија, и, особено, на вакцинопрофилаксата, прашања, на кои во најситни детали се презентираат најсовремените сознанија од светската литература, која што е мошне исцрпна и извлечена од списанија со највисок степен на влијание во современата медицинска практика. Книгата е напишана на лесен, разбирлив јазик, поради што, освен за најупатените, може да им послужи и на оние, на којшто инфектологијата не им претставува единствена животна определба, па дури и на обичните граѓани, на чија што информираност и свест посебно се апелира, и на кои авторот постојано укажува како на клучни промотери во сузбивањето на ризиците за настанување на најстрашното. Освен согледувањата на глобален план, се нагласува потребата за зајакнување на сите нивои, и во сите свери на информираноста, и, особено, за поцврста поврзаност со глобалната, светска мрежа на информации за инфлуенца во рамките на Светската здравствена организација, што во сегашниов миг, во фаза на интеграција на Р.Македонија во Европските структури се вклопува во стратешките цели на државата. Од сето наведено, може да се заклучи дека предметот што се обработува во темата е многу значаен, и доаѓа во прав момент, во време кога на највисоко рамниште се актуелизира проблемот на инфлуенца, во период кога таа претставува водечка тема во модерната светска медицинска литература.
* * *
...Трудот промовира оригинална идеја за комбинирана улога на различните механизми во настанувањето на различните клинички модели на однесување на вирусите на инфлуенца во биолошките процеси кои резултираат со индукција на патолошка состојба. Со сеопфатноста на обработената материја поврзана со проблемот на сезонската инфлуенца, добиените резултати од сопствени истражувања и критичкиот осврт на низа поврзани непознаници во современата медицина, како и комплексноста на истата, трудот е единствен во нашата средина и претставува интересна база за развојот на научната мисла во целина, од причини што проблематизира повеќе прашања за кои современата медицина нема одговор. На мошне интересен начин, со користење на повеќе, директно или индиректно, поврзани факти, авторот на трудот се обидува да фрли светлина врз одредени аспекти, што секако претставува силен придонес врз развојот на научната мисла и познавањето на проблемот. Особено се значајни, и, истовремено многу интересни, согледувањата за механизмите на индукција на воспалителниот процес во централниот нервен систем во текот на инфекцијата со вирусите на инфлуенца, кој што ги поткрепува со податоците добиени од базичните научни истражувања, што во овој миг дава одговор на низа непознаници во современата медицина. Истите ги интегрира во една целина, и ги поврзува со слични клинички согледувања во други средини, при што дава критички одговор на прашањата по кои има спротивставени заклучоци. Резултатите од своето истражување и стекнатите сознанија од него, авторот ги поткрепува и со цитирана литература од сопствени трудови презентирани на меѓународни стручни собири и објавени во неколку меѓународни списанија. Меѓу другото, се презентираат и податоци за ефикасноста на современата антивирусна терапија кои во моментот на објавувањето претставуваат прво такво согледување во регионот, и чии што резултати се потврдуваат во реномирани светски списанија дури две години подоцна. Особено голем придонес за развојот на научната мисла претставува сознанието за каузалната поврзаност/асоцираност на грипот со енцефалитите/енцефалопатиите, нивната зачестеност и исход, како и согледувањето, преточено во оригинално толкување за "кортикоефектот" на инфлуенца вирусната инфекција врз пурулентните менингитиси, оригинално, сопствено согледување добиено како резултат на сопствените истражувања, чии што заклучоци се презентирани на најголеми Светски и меѓународни собири.
* * *
...Трудот презентира најсовремени податоци по одредени проблеми и со користење на лесен, разбирлив речник во изразувањето, полемизира со изнесените аргументи. Сопствените наоди од истражувањето кои се презентирани во трудот ги компарира со податоците за повеќе поединечни прашања кои се изнесени во голем број различни стручни списанија, меѓу кои и такви, со највисок степен на влијание во медицинската литература. Приложениот труд ги интегрира сознанијата за сите аспекти на инфлуенца вирусната инфекција во нашата средина и во Р.Македонија во целина, презентирани и објавени во повеќе поединечни, хронолошки поврзани периоди, и претставува огледало на познавањето на дадениот проблем во Р.Македонија. Посебен придонес во трудот претставуваат компаративната студија за коморбидитетот со пурулентните менингитиси, која, меѓу другото, споредува два периоди на сознанија за фундаменталното прашање на меѓусебен однос помеѓу бактериските и вирусните инфекции, спроведената анкета кај лицата со инфлуенца-вирусна инфекција кои не претставуваат предмет на хоспитализација, студијата во која се анализираат промените и можните механизми на настанување на енцефалитис/енцефалопатија (IAEE), компаративната студија во која се оценува ефикасноста на вакцинопрофилаксата, како и компаративната студија во која за првпат во регионот се оценува исходот од лекувањето на инфлуенца вирусната инфекција по спроведениот третман со специфичен инхибитор на неураминидазата, при што се заклучува дека истиот е поволен, и се манифестира со скратување на времетраењето на симптомите на болеста, намалување на примената на антибиотска и симптоматска терапија, редукција на компликациите, како и бројот на хоспитализациите во целина.
* * *
...Со својата содржина и посочената цитирана литература, трудот би можел да предизвика значаен интерес кај различните профили на научната јавност, особено кај истражувачите кои се занимаваат со базичните медицински науки, и посебно, кај тие чии што главен интерес претставуваат проучувањата поврзани со сознанијата за индуктивната способност на вирусите на инфлуенца во текот на воспалителните процеси во централниот нервен систем, при што тие попримаат важен клинички интерес. Презентираните согледувања би можеле да побудат голем интерес, пред се кај лекарите кои се занимаваат со дијагностика и лекување на болните со грип, како од општата медицинска пракса, така и лекарите клиничари, специјалисти од различни области на медицината, меѓу другото и кај тие кај којшто болеста која претставува предмет на нивниот основен интерес претставува ризик за зголемениот морбидитет и морталитет кај болните со инфлуенца, како што се: инфектолози, превентивна медицина, педијатри, интернисти, невропсихијатри, гинеколози итн. Резултатите добиени од истражувањето, особено тие кои се однесуваат на превенцијата на грипот и остварениот cost-benefit, би можеле да предизвикаат интерес кај различни државни институции од посебен интерес чија што функција во услови на евентуална пандемија на грип не смее да биде блокирана, како и кај различни приватни профитабилни фирми. Тие би требало да допринесат на намалувањето на отсуствата од работа и училиште, особено на засегнатите категории лица, а кај болните со други болести во основата би го подобриле квалитетот на животот, преку спречување на натамошната прогресија на основната болест и заштедата во трошоците предизвикани од лекувањето на компликациите за кои најдобра оценка би претставувал пресметаниот cost-benefit. Имајки ја предвид масовната, епидемиска појава на грипот, и неговото влијание врз организмот, лесно може да се заклучи дека добиените резултати од истражувањето можат многу да допринесат во сите свери на одбраната, па нивни корисници би можеле да бидат и структурите инволвирани во неа.